Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, при видео обраќање на регионалната конференција за медиуми на БИРН во Сараево, рече дека состојбата со слободата на медиумите на Балканот предизвикува голема загриженост која бара итно внимание, и останува точка на особена загриженост за Европската комисија, особено прашањето на владиното мешање и закани против независноста на јавните радиодифузни сервиси.
„Се соочуваме со важни предизвици кои мора итно да бидат адресирани“, рече Хан, додавајќи дека покрај мешањето на властите, повеќе напори мора да се посветат и на политичката и финансиска независност на регулаторните тела.
Европскиот комесар рече дека ќе продолжи да ги притиска владите во регионот да остваруваат прогрес на ова поле.
„Постои потреба да се справиме и со неформалниот економски притисок врз медиумите. Ова вклучува транспарентност на сопствеништвото врз медиумите и спречување на прекумерната медиумска концентрација. Не помалку важна е и транспарентноста при владиното рекламирање“, рече Хан.
Еврокомесарот потсети дека слободата на изразување и слободата на медиумите се во центарот на евроинтеграцискиот процес.
„Слободата на говорот, како и информирани и професионални медиуми се неопходни за едно демократско општество. Тие се неопходни за граѓаните да можат да одлучуваат за иднината на земјата“, рече Хан.
Регионалната медиумска конференција со наслов „Предизвици за медиумската слобода“, се одржува како дел од прославата на десетгодишнината на БИРН.




