Бројот на жртвите по масовниот руски напад врз Кијив и Кијивската област во ноќта меѓу 19 и 20 август се зголемуваше во текот на денот, додека спасувачите пребаруваа низ урнатините. Според Associated Press, загинаа најмалку 14 лица, а околу 40 се повредени, додека дел од подоцнежните извештаи наведуваат и повисок биланс — 15 или најмалку 16 загинати.
Русија го нападна главниот град на Украина со комбиниран удар од балистички и крстосувачки ракети, како и со беспилотни летала. Украинските власти соопштија дека се погодени цивилни објекти на повеќе локации, меѓу нив станбени згради, медицински и образовни установи, магацини и друга инфраструктура.
Во Соломјанскиот реон биле уништени горните катови на деветкатна станбена зграда, а пожари и оштетувања се пријавени во повеќе делови од градот. Меѓу погодените објекти се наведуваат и детска болница и училиште. Во делови од Кијив имало и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Првичните утрински информации говореа за помал број жртви, но билансот растеше како што продолжуваа спасувачките операции. Затоа бројките остануваат привремени, до нови официјални ажурирања од украинските власти.
Рускиот агресор тврди дека нападите биле насочени кон објекти поврзани со производство на компоненти за дронови, воени магацини и логистички центри. Но извештаите од теренот повторно покажуваат цивилна цена: загинати и повредени луѓе, уништени домови и оштетена медицинска и образовна инфраструктура.
Нападот предизвика и безбедносни реакции во соседството. Полска активираше воена готовност, Романија реагираше по пад на дрон во близина на границата, а Молдавија пријави нарушување на воздушниот простор. Тоа уште еднаш покажува дека руската агресија не е само украинско прашање, туку директна закана за европската безбедност.
Украина со месеци предупредува дека недостигот од противбалистичка одбрана и ракети-пресретнувачи, особено за системите Патриот, ја остава цивилната инфраструктура изложена на руски балистички напади.
Кога ракети и дронови погодуваат станбени згради, болници, училишта и енергетска инфраструктура, тоа не е „колатерална штета“, туку дел од систематскиот руски терор врз цивилите кој трае речиси четири и пол години.
Џ. Дерала
Извори: FRONTLINE | CIVIL MEDIA




