ПР содржина
Предметот „Мазут“ повторно се враќа во истрага, иако претходната постапка заврши со одлука дека нема доволно докази за кривичните дела и дека не е утврдена штета за ЕСМ или државниот буџет.
Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ и му наложи на ОЈО ГОКК да продолжи со истрагата. Притоа, како причина се наведуваат слабости во вештачењата, поради што се бараат нови вештачења и дополнителни податоци.
Професорот Гордан Калајџиев, сепак, смета дека ваквиот начин на постапување е спорен.
„Мене ми изгледа ова дека е практично политички инспирирано. Во дадената ситуација практично нема можност за ревизија на јавнообвинителската одлука што беше донесена. Одлуките што ги донесува Обвинителството се независни, по кои инстанции и кој обвинител ги има донесено, бидејќи внатрешната функционална надлежност е прилично слободна, би рекол, во Обвинителството и не може да глуми повисокиот обвинител некаков сега суд, којшто наоѓа слабости во вештачењето на понискиот, односно надлежниот обвинител што постапува по случајот и да го враќа случајот сега на штета на осомничениот во постапката. Тоа е спротивно на процесни принципи, на идејата за правна сигурност, на пресумпција на невиност“ – истакна професорот Калајџиев.
Во мај ОЈО ГОКК ја запре истрагата поради недостаток на докази. Не било докажано дека е направена штета од 167 милиони евра, колку што била наведена во пријавата на МВР.
Во истрагата било утврдено дека мазутот бил испорачуван навремено и континуирано, а не била утврдена штета за ЕСМ или државниот буџет.
Во јавноста, сепак, случајот беше поврзуван и со наводно загадување. Но и тука досегашните податоци не потврдија таков исход. Според официјалните извештаи на ТЕЦ „Неготино“, во периодот опфатен со истрагата не било регистрирано загадување од централата.
Не било утврдено ниту надминување на пропишаните гранични вредности за квалитетот на мазутот.
Истовремено, централата во 2022 година остварила добивка од приближно 2,25 милијарди денари, односно околу 36,5 милиони евра.
Анализите на ФЕИТ покажуваат дека доколку Македонија во критичниот период морала да увезува струја наместо да произведува во ТЕЦ „Неготино“, тоа би чинело околу 880 милиони евра.
Сега повторно се бара истрагата да ги разгледа сите околности. Останува да се види дали продолжувањето ќе донесе нови докази за штета и евентуална кривична одговорност или ќе потврди дел од наодите што веќе беа основа за запирање на истрагата.




