На само 10 километри од центарот на Скопје и пет минути возење од обиколницата, Винарија Душа од Волково официјално започна да прима посетители. Посетите се организираат со резервација, а просторот прима помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе за приватни прослави, тимски дружења и деловни средби.
Секое винско искуство вклучува водена тура, запознавање со процесот на производство и дегустација на белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино Допир, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. Едно од искуствата е посебно посветено на македонските сорти Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец, а покрај винаријата во Волково, Душа има и лозарско земјиште во Ресава, каде што најголем дел од насадите се речиси 50-годишни лози Темјаника со концентрирано грозје со карактер.
Основачи на Душа (основана во 2023 година) се Небојша и Емилија Димиќ, брачен пар македонски електроинженери кои живеат во САД, граделе кариери во ИТ-индустријата и завршиле студии по енологија во Сиетл. Небојша истакнува дека во Душа се спојуваат инженерската прецизност и современата технологија со креативноста, интуицијата и почитта кон традицијата, додека Емилија нагласува дека виното е повод луѓето да се соберат и да создадат спомени близу до градот, а далеку од секојдневието.
Земјата во Волково со генерации му припаѓа на семејството: ја купил прадедото на сопственикот со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка и засадил лозје, а откако имотот бил поделен меѓу наследниците, правнукот Небојша децении подоцна повторно ги откупил и обединил парцелите — при што дел од старото лозје и денес раѓа во дворот на винаријата.




