Со цел да се спречи банкрот на Грција, лидерите на еврозоната за во понеделник закажаа итен состанок на кој ќе се разговара за грчката финансиска ситуација. Претседателот на еврогрупата, Јерун Дајселблум рече дека Грција мора да поднесе нови предлози.
Европската централна банка соопшти пак дека не е јасно дали грчките банки ќе работат в понеделник поради забрзаното повлекување на пари од страна на граѓаните во земјата.
Според информациите, грчките штедачи од понеделникот до средата од банките повлекле околу 2 милијарди евра, што е двојно повеќе од сумата што Европската централна банка им ја гарантира на банките во Грција.
Според грчкиот министер за финансии пак, Јанис Варуфакис, европските лидери не сакале да ги разгледаат неговите предлози за надминување на проблемот.
Премиерот Алексис Ципрас сега се соочува и со предупредувањето од грчката Централна банка дека на земјата и се заканува економска катастрофа доколку ја напушти еврозоната.
Деновиве грчката влада соопшти дека нема пари да го врати долгот спрема ММФ што всушност е само прв од серијата долгови што треба да бидат исплатени до крајот на летото.




