Еврозоната ќе направи се што е потребно за да се спречи “зараза” од грчката криза, изјави синоќа германскиот министер за финансии Волфганг Шаубле, јавува агенцијата АФП.
Грција вчера го одби предлогот на еврозоната за продолжување на програмата за финансиска асистенција и по 30 јуни и најави дека на 5 јули ќе одржи референдум ма кој граѓаните треба да кажат дали се “за” или “против” за оваа помош.
Грција најверојатно нема да може да врати 1,5 милијарди евра кои ги должи на Меѓнародниот монетарен фонд и одлучи на референдум да го стави прашањето за предозите на своите кредитори. Со тоа беа прекинати преговорите кои се водеа во Брисел.
Според Шаубле, Грција ќе се соочи со големи проблеми во наредните денови. Но, тој е уверен дека Грција ќе остане членка на еврозоната. Но тој исто така мисли дека најавата на грчкиот премиер за референдум е дестаблизирачка и депресивна идеја во оваа тешка ситуација, рече Шаубле на германската ТВ ЗДФ.
Истото уверување го делат и повеќемина од неговите европски колеги.
Францускиот министер за финансии Мишел Сапен вели дека “судбината на Грција е да остане во еврозоната” и додава дека ниту една земја од оваа монетарна унија не сака да ја види Грција вон од еврото.
“Грција е полноправна членка на еврозоната”, рече ирскиот министер за финансии Мајкл Нунан и додаде дека тој не стравува за иднината на еврото.
Финскиот министер Александар Штуб рече дека ја разбира тешката ситуација во која се наоѓа Грција и проблемите со кои ќе се соочи но додаде дека не е загрижен за пренесување на кризата на други земја од еврозоната. Според него, еврозоната е сега многу подобро подготвена за соочување со кризи отколку што тоа беше случај пред неколку години.




