Грција не ја исполни обврската кон Меѓународниот монетарен фонд. Ратата од 1,5 милијарди евра која мораше да биде платена до ноќеска на полноќ не е исплатена. Тоа го потврди и ММФ во кусо соопштение.
Со тоа Грција е првата индустриска земја која има заостанат долг кај ММФ и важи за платежно неспособна.
Атина ќе може да добие натамошни средства откако ќе го плати заостанатиот долг- програмата за помош на Грција од страна на евро-партнерите. На Грција не и‘ успеа да спречи крај на програмата во последен момент, соопшти портпаролот на ММФ Гери Рајс.
Фондот, освен тоа, потврди дека Грција во последна минута молела за одлагање на плаќањето на ратата. Околу тоа ММФ ќе разговара кога за тоа ќе дојде време, дополни портпаролот, јавува Дојче веле на македонски.
ММФ нема начин да ја санкционира Грција веднаш. Тој може само да изрече мерки. Шефицата на ММФ Кристин Лагард на викендот сигнализираше дека вратата за натамошни разговори со Атина не е целосно затворена.
Неколку часа пред истекот на рокот американскиот претседател Обама се изјасни околу состојбата во Атина: „Тоа е работа која во прва линија ја погаѓа Европа. Но ние мора да бидеме подгтовени на можна опасност од зараза. Не е шок како во случајот со Лиман. Ние сериозно го сфаќаме проблемот, но во моментов нема потреба од претерани реакции“, рече Барак Обама.
Министрите за финансии на Еврогрупата вчеравечер околу еден час ги разгледуваа предлозите на грчкиот премиер Алексис Ципрас доставени во Брисел претпладнето.
Тој, покрај краткорoчното продолжување на втората програма за помош, побарал пред се‘ нова програма со рок од две години, која би одела преку новиот чадор за спас ЕСМ. Ципрас конкретно барал помош за стабилизација од речиси 30 милијарди евра, за земјата да може да ги враќа долговите кои ќе доспеваат во периодот од 2015 до 2017 година.
Друг елемент на новите предлози на Атина било и барањето за реструктуирање на постоечките долгови во рамки на стариот чадор за спас ЕФСФ. Како тоа реструктуирање би требало да изгледа, Ципрас не наведува. Веројатно е дека предлогот оди во насока на одлагање на отплатата на долговите и повторно намалување на каматите, јави првата германска телевизија АРД.
И покрај отфрлањето на предлозите од Атина, Еврогрупата за претпладнево договори нова телефонска конференција. Грција, според првиот човек на Еврогрупата Јерун Дајселблум треба да поднесе нови предлози за кои ќе се дискутира.




