Паралелни протести во Атина околу начинот за излез од кризата. Вчера во центарот на градот се собраа две ривалски групи. Околу 25.000 противници на програмата на меѓународните кредитори за спас на Грција се собраа на плоштадот Синтагма, каде им се обрати премиерот Алексис Ципрас.
На само 800 метри од таму, пред стадионот „Панатинаикос“, дојдоа околу 20.000 противници на оваа политика, кои кои на претстојниот референдум во недела ќе гласаат за мерките.
Демонстрантите кои ја поддржуваат програмата на кредиторите, извикуваа проевропски слогани, предупредувајќи дека по референдумот Грција би можела да ја напушти еврозоната.
На почетокот на протестите група млади почна да фрлаат камења, а полицијата одговори со парализирачки гранати и уапси еден човек, а во еден момент беа фрлени и шок бомби, јавија грчки медиуми.
На трибината на плоштадот „Синтагма”, пак, излегоа да зборуваат претставници на шпанската и германската левица, кон кои им се приклучи и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Премиерот најави дека негативен на референдумот значи избор “да живеат достоинствено во Европа”. Тој ги повика Грците за гордо НЕ на ултиматумот и на оние кои ги тероризираат.
Грција во моментов не прима помош од Европа, откако во вторникот не успеа да го исполни рокот, до полноќ да ја подмири ратата кон ММФ од 1,8 милијарди долари. Со тоа, за прв пат во историјата на ММФ, една развиена земја не успеа да изврши навремена исплата на долг.
Според најновата анкета за престојниот референдум во Грција, нејзините жители се речиси подеднакво поделени за тоа како ќе гласаат.
Анкетата била спроведена на 30 јуни и 1-ви јули врз 1.000 граѓани, а резултатите покажуваат дека 44.8 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат „за“ во корист на условите на помош за излез од кризата, додека 43.4 проценти ќе гласаат „против“, а 11.8 се неопределени.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас води кампања луѓето во недела да се изјаснат „против“, велејќи дека со тоа Грција ќе добие поголема моќ во идните преговори со европските доверители.
Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис во интервју за телевизијата Блумберг, изјави дека доколку гласачите го прифатат предлогот на ЕУ, постојат големи шанси дека владата ќе падне, а самиот тој од понеделник, повеќе нема да биде на оваа функција.
Европските лидери предупредија дека доколку Грците гласаат „против“, би ги зголемило шансите Грција да стане првата земја којашто би ја напуштила еврозоната, а со тоа и валутата – евро, која постои 16 години.




