Грчките кредитори се “терористи” кои сакаат да ја “понижат Грција”, вели грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во денешното интервју на шпанскиот дневник Ел Мундо, на еден ден пред референдумот во Грција.
“Ова што тие го прават со Грција има име и се вика тероризам”, вели Варуфакис во интервјуто. И додава: “Зошто не натераа да ги затвориме банките? Зошто да се плашат луѓето? Ширењето страв е феномен кој се вика тероризам”, вели министерот зборувајќи за политиката што кон Грција ја водат кредиторите на Атина – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската унија.
Но Варуфакис тврди дека без оглед на исходот на референдумот, во понеделник ќе има договор. «Апсолутно сум уверен во тоа. Договор е потребен и за Европа и за Грција така што ќе дојдеме до договор», вели Варуфакис и додава дека во понеделник банките ќе отворат.
Но тој исто така најави дека ќе поднесе оставка доколу резултатот на референдумот биде «да» за мерките за штедење : «Она што Брисел и тројката го сакаат е да победи одговорот «да» за да можат повторно да ја понижат Грција». Тој ја обвини Европа дека сака од Грција да направи пример за другите и посебно за Шпанија каде што левата партија Подемос станува сé попопуларна а наредните избори се закажани за оваа есен.
«Мислам дека на цела Европа и требаат партии како Сириза или Подемос, партии кои се критични кон постоечкиот систем но се истовремено про-европски и демократски. Оние кои нé не сакаат нé прикажуваат како анти-европски но тоа навистина не е така. Ние сме про-европски партии», вели за шпанскиот дневник министерот за финансии.
На 30 јуни истече рокот за враќање на една рата на грчките кредитори па ратата не беше вратена поради тоа што Грција и кредиторите не успеаа да договорат план за финансиска помош. Истиот ден владеачката партија Сириза најави референдум за 5 јули. Таа ги затвори банките и контролата на капиталот, мерки кои ќе бидат на сила до 6 јули.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика Грците да гласаат против мерките за штедење додека претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер повика да се гласа за мерките.




