Според најавите од медиумите во регионот, грчкиот премиер Алексис Ципрас во вторник во Брисел ќе се обиде да ја искористи “победата“ на референдумот за да се договори со лидерите на Европската унија (ЕУ), и ќе претстави нов предлог за решавање на кризата, кој според најавите вклучува барање на Грција да и се отпишат 30 % од долговите.
Состанокот на министрите за финансии на земјите од еврозоната е најавен за вторник попладне, а вечерта би требало да биде одржан и самитот на лидерите на 19-те земји.
Ципрас во неделата “го доби“ референдумот на граѓаните, откако 61 процент од гласачите ги одби предложените економски мерки на европските кредитори.
Сега во преговорите директно се вклучува и новиот грчки министер за финансии Еуклид Цакалотос, кој смета дека Грција заслужува подобра понуда.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во пресрет на самитот, во јавноста изјави дека исфрлање на Грција од еврозоната и ЕУ не е нешто што го сака или би сакалa.
Тој посочи дека не очекува на седницата на држави и влади и на министрите за финансии од еврозоната вечерва во Брисел да постигнато решение.
– Според моето искуство, поедноставените одговори и решенија се погрешни. Нема лесни решенија пред Европа, таа работи со компромиси, во таа насока ќе продолжи со својата работа и Комисијата. Решението нема да биде најдено веднаш. Ако денес постигнеме решение, тоа ќе биде премногу поедноставено решение, изјави Јункер.
Тој вели потребно е враќање на редот и да запрат нападите кон Европа од страна на грчката влада.
– Неприфатливо е ЕК да биде нарекувана “терорист” од грчката влада, не го заслужуваме тоа. Треба да се направи можното, во разумни рокови да биде постигнато решение, додава Јункер.
Првиот човек на Европската комисија вели секоја недела комуницирал со обични грчки државјани и знае за нивните проблеми од прва рака.




