Откако вчеравечер самитот свикан како последица на референдумот во Грција, заврши без договор, во недела ќе се состанат шефовите на државите и владите на сите 28 земји-членки на Унијата.
Канцеларката Ангела Меркел, рече дека од Грција очекуваат детален план на краток и среден рок, како земјата не би прогласила банкрот.
Според канцеларката, грчкото прашање ги засега сите земји-членки, а не само членките на еврозоната, затоа в недела ќе се соберат повторно сите лидери во Брисел да ја диксутираат состојбата.
За да биде одобрена каква било финансиска помош, Грција ќе треба прво да презентира предлог-мерки кои треба да бидат анализирани од европските институции.
Откако во медиумите се шпекулираше дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе бара 30 отсто отпис на долговите, Меркел додаде дека тоа “не доаѓа предвид“.
Доналд Туск изјави дека „крајниот рок за Грција завршува оваа недела“.
– Треба да разговараме какви се последиците за целата Европска унија, вклучително и можноста за хуманитарна акција во Грција. Ова е едно од најкритичните прашања во историјата на ЕУ и на еврозоната – рече Туск.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, од своја страна, порача дека неговата институција е подготвена на се, вклучително и на „излез на Грција“ од еврозоната, иако самот тој не би сакал тоа да се случи.
– Јас силно се противам на излез на Грција од еврозоната, но не можам да го спречам ако Грција не го стори тоа што треба. Европската комисија има обработено детален план за излез на Грција од еврозоната, рече Јункер.




