Волфганг Шојбле, германскиот министер за финансии, побарал денес, за време на состанокот на Еврогрупата во Брисел кој е во тек, Грција да ги подобри своите предлози за да добие помош.
Ако тоа не се случи, Грција ќе мора да излезе привремено од еврозоната во период од пет години, тврди германскиот дневник “Франкфуртер aлгемајне цајтунг” врз основа на еден германски документ кој Шојбле го донел на состанокот на Еврогрупата.
Според овој документ, во грчкиот предлог недостасуваат повеќе централни и важни реформи за модернизација на земјата и економски траен развој на подолг рок и условите за нова програма за помош не се исполнети. Според весникот има две можно сценарија. Или Грција излегува од еврото за период од пет години во кој ќе го реструктурира својот долг. Или Атина радикално и брзо ќе го подобри својот предлог.
Шојбле денес не даде изјава а еден од лидерите на партијата СПД, која е во коалиција со ЦДУ на Меркел, овој документ не е позицијата на Германија. Грчката страна тврди дека ваков документ не постои.
Преговорите кои се водат во Брисел се “исклучително тешки” како што пред средбата изјави Шојбле и додаде дека Еврогрупата не може да им верува на ветувањата на Грција. Надежта дека кризата ќе се реши била уништена во последните месеци, рекол Шојбле мислејќи на шесте месеци владеење на Сириза.