Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги отпушти од Владата припадниците на левото крило на својата партија, кои го отфрлија новиот пакет за штедење. Ципрас најави реконструкција и заминување на десет члена на раководството.
Министерот за енергија и екологија Панајотис Лафазанис, еден од најжестоките критичари на предложените мерки во редовите на владејачката партија Сириза, ќ е биде заменет со Панос Скурлетис, кој досега беше министер за труд. На местото Скурлетис доаѓа досегашниот министер за административна реформа Јоргос Катугалос
Заминува и заменикот министер за социјални теми Димитрис Стратулис, како и уште неколку заменици министри. Тие се спротивставија на мерките за штедење и се залагаа за излез на Грција од еврзоната.
Заменик-министер за финансии ќе биде Трифон Алексијадис наместо Надја Валавани, која минатата недела поднесе оставка.
Заменик-министер за одбрана ќе биде Кристофорос Вернардакис, додека Олга Геровашли, пратеничка на Сириза, е именувана за портпарол на владата.
Сегашниот министер за финансии Еуклид Цакалотос ќе остане на таа позиција.
Грчкиот парламент во четвртокот ги усвои првите реформи кои ги бараат кредиторите за да можат да и испратат нов пакет за помош на земјата.
Реформите беа изгласани со голема помош на опозицијата. Мерките се однесуваат на зголемување на ДДВ, мерки за пензиите и усвојување на буџетски правила.




