На плоштадот Таксим во Истанбул, се одржаа протести по експлозијата во градот Суруч, град кој е претежно населен со Курди, а во кој загинаа најмалку 27 луѓе и стотина беа повредени вчера.
Турските Курди се незадоволни од тоа што властите во Анкара не преземаат доволно мерки за да го запрат дејствувањето на милитантите на Исламската држава. Тие сметаат дека Ердоган е нивни соработник.
Според Курдската работничка партија одговорна за нападот во Суруч е турската влада. Мирни протести се одвивале и во Анкара и Дијарбекир.
Во меѓувреме, Турција најави дека ќе ги зајакни безбедносните мерки на границата со Сирија.
„Мерките на нашата граница со Сирија ќе продолжат и ќе бидат зајакнати. Но нашите граѓани би требало да знаат дека земјите во регионот во кои има тензии, насилства и судири би можело да влијаат врз мирот во Турција“, изјави премиерот Ахмед Давутоглу.
Суруч е во близина на сирискиот град Кобане каде што курдите кон крајот на јуни ја презедоа контролата од Исламската држава.
Нападот во Суруч доаѓа на неколку недели откако Турција распореди дополнителни сили и опрема на границата со Сирија, загрижена од ризикот за прелевање на борбите меѓу курдските сили, бунтовнички групи, сириските владини трупи и милитантите на Исламската држава.




