До овој момент се уште нема потврда ниту од хрватска, ниту од египетска страна дека на снимката што е објавена е навистина Томислав Салопек, изјави денеска на вонредна прес конференција министерката за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ.
“Не сме сигурни и немаме потврда дека се работи за Салопек, a интензитетот во потрагата не се намалува“изјави Пусиќ пред новинарите.
Министерката не сакаше да откриe детали околу преговорите со џихадистите. Сомнежите се дека се работи за две различни организации на Исламската држава.
„Бaрањата беа специфични. Прво се обратија на интернет, потоа бараа пари од компанијата каде што работи Салопек, за на крај да заборават на парите и побараа ослободување на жени од затворот во Египет. Сето тоа укажува дека с е работи за две организации“, изјави Пусиќ на прес конференција во Риека.
Министерката Пусиќ изјави дека соработуваат со многу земји кои им помагаат во истрагата и нагласи дека случајот не е завршен бидејќи не можат да тврдат дека на фотографиите е Салопек.
Во моментот во Египет работат 80 луѓе од Хрватска, а хрватските власти се надеваат дека ќе биде подигнато нивото на безбедност и дека во тоа ќе биде ангажирана војската.




