Мигрантската хуманитарна криза е и ќе биде за ЕУ позначајна тема отколку Грција и стабилноста на еврото, изјави вчера германската канцеларка Ангела Меркел.
“Прашањето околу тоа како реагираме во однос на мигрантите ќе ни одзема многу повеќе време отколку Грција и стабилноста на еврото”, изјави Меркел за германската телевизија ЗДФ.
Вискиот комесаријат за бегалци на Обединитетите Нации повика во петокот на итна акција за бранот на бегалци кои стасуваат во Европа. За ЕУ ова е прва хуманитарна бегалска криза по Втората светска со која се среќава. За ОН ситуацијата со бегалците кои во илјадници стасуваат во Грција преку Турција е “апсолутно срамна”.
“Потребна ни е заедничка политика на ЕУ во областа на азилот”, рече Меркел чија што земја е соочена со огромен бран бегалци кои, според некои проценки, би можеле да надминат 600.000 оваа година што би бил рекорден број.
Ситуацијата на згрижувањето на бегалците во Германија не е доволно добра, смета Меркел. Бегалците се сместени во шатори или контејнери за живеење и тоа не е доволни услови за живот.
Канцеларката вели дека Германија мора да направи список на “сигурни земји”. Во овие сигурни земји треба да бидат ставени и сите балкански држави од каде што и понатаму стасуваат бегалци. Овие жители на Балканот не можат да добијат азил во Германија со оглед на тоа што во нивните земји нема персекуција како што тоа се случува во Сирија, Авганистан или Еритреја.
Жителите на Балканот во Германија бараат подобра економска иднина но за да можат да останат во Германија, и во другите земји на ЕУ, тие бараат азил. Барањето се одбива но во меѓувреме овие барања го оптеретуваат административниот систем на земјите на ЕУ кој може да им биде посветен на вистинските бегалци. Германија бара начин како да го забрза системот за барања за азил од Балканот.
Меркел додаде исто така дека за овој проблем сака да разговара и со францускиот претседател Франсоа Оланд и очекува дека наскоро ќе треба да се одржи самит посветен на оваа проблематика:
“Азилот треба да биде следниот европски проект и треба да видиме дали сме навистина способни да работиме заедно”, изјави Меркел.




