Грчкиот брод „Елефтериос Венизелос“ кој носел 2.440 бегалци кон Солун, го сменил својот правец и пристигнал на пристаништето во Атина во четвртокот наутро. Во него биле бегалци од Сирија а според првичниот план требало да се пренесат од Солун, со автобус кон границата меѓу Грција и Македонија, јавува „ГрикРипортер“.
Сепак, дипломатски извори за медиумот велат македонската влада и владите од Европа сериозно го попречуваат трансферот на мигранти, чија цел е од Македонија да заминат во земјите од Европската Унија.
Кога им било соопштено дека правецот се менува и наместо во Солун, патуваат во Атина, околу 300 Сиријци се заканиле дека ќе го нападнат екипажот, со тоа што ги покажале билетите во вредност од 60 евра, а на кои финалната дестинација бил Солун.
Од пристаништето, тие со автобуси биле пренесени до метрото, од каде што требало да заминат во Атина. Тие биле придружувани со две возила на брзата помош.
Сепак, како што пишува „ГрикРипортер“, немало претставници на властите задолжени за бегалците, кои и немаат план што ќе прават со бегалците и каде тие ќе одат.
Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, по нивното доаѓање ја критикувал владата, и особено министерот задолжен за миграција, Тасиа Кристодолопулос бидејќи немал план, а бегалците „ги истоварил“ во центарот на Атина.




