Годишна Конференција на земјите од групата Б20/Г20, на кој ќе се расправа и за интеграција на пазарите на Југоисточна Европа на глобалниот пазар, започнува денеска попладне во Анкара, Турција.
Б20 е собир на најголемите бизнис компании од земјите членки на Г20 и тие ги даваат главните препораки на лидерите на овие земји кои ќе се состанат на самит во Анталија во ноември годинава, а на конференцијата ќе учествуваат и владини претставници.
Панелот за земјите од Југоисточна Европа кој го организираат Регионалниот Совет за Соработка од Сараево и Сојузот на стопанските комори на Турција, ќе биде насочен на анализата на бизнис синергијата и поврзаноста на земјите од Југоисточна Европа и Турција, по што бизнисмени и експерти ќе се насочат кон мерките за поврзување на пазарите од претежно балканските земји со глобалниот пазар. Во рамките на овој панел се очекува да се расправа и за бизнис климата во Македонија.
Земјите од Г20 произведуваат околу 90 проценти од светските добра (БДП), а ним им припаѓа и околу 80 отсто од светската трговија.
На собирот ќе се претстави Светскиот Форум за унапредување на мали и средни бизниси, а ќе се расправа и за серија прашања како што се: унапредување на трговијата, новите трендови во приватните инвестиции во инфраструктурата и одговорот на владините политики и на меѓународните финансиски институции кон ова прашање, предностите на користењето на био-енергијата во одржливиот развој, политиките на поголемо вработување како средство за одржлив развој и намалување на огромните разлики меѓу богатите и сиромашните земји, борбата против корупцијата во приватниот сектор и друго.