Дознаките на македонските иселеници учествуваат со околу 3,7 отсто од бруто домашниот производ на земјата (БДП), што е една од најниските стапки во споредба со земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ).
Ова го изјави Есен Каглар, заменик директор на турската фондација за истражување на економските политики TEPAV, на панел органзиран во рамките на Годишната конференција на Б20/Г20, на бизнисмени и владини претставници на најразвиените земји во светот, која изминатите три дена се одржува во Анкара.
„Наместо да извезуваат софистицирана производи на развиените пазари, од ЈИЕ се извезува нешто друго – младите луѓе. А, нивните дознаки се важен дел од БДП. Дури и за Македонија, која има најнизок удел, и тој е се уште околу 3,7 проценти. За споредба, Турција имаше околу 3,5% уште во 1980 година“, изјави Каглар.
Панелот беше организиран од Регионалниот совет за соработка (RCC), во кој учествува и Македонија и Сојузот на стопанските комори на Турција (TOBB).
Претседавачот со панелот, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, истакна дека отворањето на нови работни места, зголемената регионална сoработка и зголемувањето на БДП на земјите од ЈИЕ, се нешто што мора да се постигне за да се оствари раст во целиот регион.
„Мора да се поврземе преку нашите граници и да ги зацврстиме врските со високо-растечките земји, како Турција, која е важен и достапен партнер“, нагласи Свилановиќ.
Подобрување на економските врски меѓу ЈИЕ и Турција и заедничките настапи на трети глобални пазари се неопходност, изјави Ендер Јорганичилар, заменик претседател на Сојузот на стопанските комори на Турција, додавајќи дека „е време да се пронајдат нови патишта за да се оствари таа неопходност“.
На панелот беше претставен и извештај изготвен од Турската фондација за истражување на економските политики, за можностите за бизнис синергијата и врските меѓу економиите на ЈИЕ и Турција, при што се идентификувани потенцијални приоритетни области за забрзување на соработката: трговија, инвестиции, образование, човечки капитал, енергија и инфраструктура.
Годишната конференција на Б20/Г20 имаше за цел подготовки на препораки за лидерите на земјите од Г 20, за самитот што ќе се одржи во ноември годинава во Анталија./