Португалскиот фудбалски клуб Порто објави писмо до УЕФА во кое апелира сите клубови учесници во Лигата на шампионите оваа сезона да се вклучат во хуманитарната акција за помош на бегалците од Блискиот Исток.
Порто ги повикува клубовите да одвојат по едно евро од сите продадени билети на првите два натпревари од групната фаза во елитното натпреварување. Доколку сите клубови се согласат на оваа кампања, тогаш би можеле да се соберат и милиони евра за помош на бегалците.
Во писмото до Мишел Платини, од Порто посочуваат дека фудбалот има долга традиција на солидарност и општествена одговорност, па затоа е невозможно да се преќути пред страдањата на бегалците кои ги напуштаат своите домови поради воените конфликти во нивните земји.
Шампионот од 2004 година ќе ја започне оваа кампања на дуелот со англискиот Челзи на домашен терен на 29 септември.




