Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска треба да го објави новиот план за бегалската криза која предизвика несогласувања меѓу европските држави.
Се очекува Јункер во својот прв годишен говор за состојбата во ЕУ пред Европскиот парламент во Стразбур да предложи задолжителни квоти за прифаќање на 160.000 баратели азил, четири пати повеќе отколку со мајскиот предлог.
Од европските земји, најпогодени се Италија, Грција и Унгарија.
Сегашните европски правила за азил наложуваат нивните барање да ги решава првата држава од ЕУ во којашто ќе пристигнат, таканаречената даблинска постапка за добивање азил.
Се очекува дека поранешниот премиер на Луксембург ќе говори и за лабавите контроли на надворешните граници на ЕУ и ќе предложи планови за забрзување на процесот на враќањето на мигрантите коишто не ги исполнуваат условите за добивање азил.
Досега источноевропските земји членки на ЕУ, кои не се навикнати на мигранти, особено од муслиманските земји, а и економски се послаби, одбиваа да прифатат поголем број бегалци.
Според нив има многу нешта за коишто треба уште да се разговара и многу нешта коишто тие не може да ги прифатат.




