Генералниот секретар на Советот на Европа Торборн Јагланд доставил до 47-те земји членки на Советот упатство за како да ги третираат мигрантите и барателите на азил, со цел да бидат заштитени нивните човекови права.
– Кризата која се одвива во моментот претставува сериозен предизвик за европските земји, пишува тој во своето писмо до земјите членки, „Од неколку земји се бара да го прифатат мнозинството на дојденци и политичката солидарност е пред сериозен тест“.
Тој ги повика европските политички лидери да им помогнат на своите соседи и сојузници за да се исполнат условите за човечко однесување кон бегалците и да се задоволат потребите кои настануваат со секој нов бран на бегалци кој доаѓа.
– Секој кој доаѓа на територијата на 47-те земји членки на Советот на Европа, ги има истите човекови права како секој од нас, напоменува Јагланд потенцирајќи дека не смееме да дозволиме да ги деградираме луѓето кои бегаат од своите земји поради воените жаришта.
Тој потсети дека секоја од земјите членка на Банката за развој при Советот може да побара заеми за да си ја подобри инфраструктурата и да се олесни и забрза финансирањето за потребите на една земја.
Тој повика на итна анализа за гонење на криумчарењето на мигрантите и подобрување на соработката за да се стопира ланецот на шверц со луѓе.




