Една од најважните мерки за остварување на економскиот раст на регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), е да создаде функционален енергетски пазар, изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Регионалниот Совет за Соработка, чиј член е и Македонија.
На конференцијата што се одржува денеска во Софија, посветена на енергетската безбедност и енергетската инфраструктура во ЈИЕ, Свилановиќ потенцираше дека од круцијална важност е создавањето на енергетскиот пазар „кој ќе обезбеди достапна и сигурна енергија по вистинска цена на чинење, при што, државните субвенции треба да се отстранат и да се заменат со сигурносни мерки за потрошувачите од ранливите категории“.
– За создавање на ваков пазар една од најважните работи е подобрување на енергетското поврзување меѓу земјите од ЈИЕ, но и „зголемено знаење за одржлива енергетска потрошувачка, енергетска ефикасност, управување со енергија од страна на јавните институции, подобрување на примената на законодавството за енергија во ЈИЕ и зголемување на јавната свест за чување на енергијата и енергетската ефикасност“, изјави Свилановиќ.
Конференцијата ја отвори бугарскиот премиер Бојко Борисов, а на нејзе учествуваат и повеќе министри од земјите од регионот, како и функционери на Европската Kомисија и на други европски тела поврзани со енергијата. Настанот се одржува во рамките на Процесот на Соработка во Југоисточна Европа (SEECP).