Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун изјави дека е “шокиран“ од употребата на сила од страна на унгарската полиција врз бегалците, односно употребата на солзавец и водени топови, кои беа искористени како би се избркале бегалците од границата.
Според него, таквиот третман врз барателите на азил е неприфатлив.
Нередите се случија вчера на унгарско-српската граница, откако стотици бегалци се обидоа да ја пробијат оградата и да влезат во земјата.
Во текот на вчерашниот ден, повеќе од 5.000 мигранти влеглве во Хрватска, избегнувајќи ја Унгарија, а околу 7.300 влегле во Германија.
Германската полиција соопшти дека повеќето влегле преку границата со Австрија.
Унгарските власти своите постапки ги бранат, оправдувајќи се дека 20 полицајци биле повредени при нередите, а еден од унгарските портпароли ги обвини мигрантите дека ги користеле своите деца како жив штит.
Унгарија целосно ја затвори својата грција со Србија во вторникот, а секое влегување во земјата го прогласи за нелегално, додека секое оштетување на оградата – казниво.
Повеќе од 200.000 луѓе се влегле во Унгарија годинава, со цел да влезат во Шенген зоната која им дозволува на луѓето да се движат низ земјите од ЕУ без рестрикции.




