Премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ вели, Хрватска нема да дозволи да се претвори во “собирен центар“ за бегалците кои не ги примаат во соседните земји, притоа осврнувајќи се на Унгарија и Словенија за нивното однесување во сегашната бегалска криза.
„Хрватска има срце, но има и мозок“ рече Милановиќ на прес-конференција во Загреб, објаснувајќи дека владата од ноќеска се одлучила за примена на својот, како што рече, од порано подготвен „план Б“.
Сепак како што вели тој, тоа не значи дека ќе се мобилизира војската, ќе се градат огради и ќе се пуштаат кучиња кон бегалците, но дека земјата нема капацитет да ги прими бегалците кои навлегуваат од сите страни, додека соседите ги затвораат границите.
Белград реагираше на изјавите кои доаѓаат од Хрватска најави дека правдата ќе ја бара пред меѓународните судови, доколку Хрватска ја затвори границата и меѓународните патишта.
– Ако Србија ги затвореше границите кога за една ноќ од Македонија и Грција влегоа над 9 илјади мигранти, Македонија ќе се соочеше со целосен колапс, а ЕУ со хуманитарна катастрофа од невидени размери. Тоа што Хрватска не може да се погрижи за шест илјади луѓе, не смее да биде причина да му се заканува на соседството, критикуваше Александар Вулин, министер за социјални работи на Србија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан пак, изјави дека неговата земја ќе крене нов ѕид, на границата со Хрватска, долг 40 километри и обезбедуван од 1.200 службени лица.




