Доколку Европската унија наметне задолжителни квоти за распределба на бегалците од Блискиот исток и Африка, Словачка и Чешка најавија тужби, додека Полска бара одговор за начинот според кој ќе се одлучува како тие би биле распределени.
Премиерот на Словачка, изјави дека неговата влада нема да ги почитува квотите дури и ако Германија и другите моќни земји ја промовираат идејата.
Чешкиот вицепремиер пак, Павел Бјелобрадек најави тужба во судот во Стразбур.
– Претпоставувам дека ќе приложиме тужба во Стразбур, бидејќи не може да ни се наметне нешто што е против нашата волја. Тоа е комплицирано, и ќе има правна војна во Унијата, изјави тој.
Според него, бегалците и онака не сакале да живеат во неговата земја туку во Германија.
– Разбирам дека земјите кои се најзафатени од овој бран сакаат да им се помогне, како на пример Германија. Ние им понудивме прифаќање на дел од тие луѓе но не сакаме тоа да се одвива преку задолжителни квоти, бидејќи има многу отворени прашања, изјави Бјелобрадек.
Портпаролот на владата во Полска, Цезари Томчик, вели, неговата земја нема да прифати нешто наметнато со сила, и Полска нема намера да разговара за бројки додека не се направи издвојување на бегалците од “економските мигранти“.
– Кога ќе се исполнат нашите услови ќе разговараме за бројки. Никако без тоа, изјави тој за полската телевизија ТВП.




