Поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ за сараевскиот весник „Ослобоѓење“ изјавил дека Србија губењето на Косово не може да го надомести со дел од територијата на Босна и Херцеговина, истакнувајќи дека на Србија ѝ е потребна катарза како таа на Германија по Хитлер.
– Сега и тие мора да ја преживеат таа катарза, затоа што не го избравме ние Милошевиќ, туку го избра Србија. Затоа сега мора да го прифатат истото што мораше да го прифати и Германија после Хитлер, мора да се сносат последиците, изјавил Месиќ.
Тој додал дека се неприфатливи иницијативите, според кои, поради изгубеното Косово, на Србија треба да и се компензира со Република Српска.
– Тоа е само илузија, Босна и Херцеговина мора да опстане као држава, нема шанси да се распадне. Меѓународната заедница мора да изврши притисок и оние луѓе кои не ја прифаќаат реалноста, а Босна и Херцеговина е реалност, не можат да бидат на одговорни позиции во БиХ. Таквите мора да заминат од јавната сцена, истакнал Месиќ.
Месиќ го повикал официјален Белград да се огради од идејата за Голема Србија, за да се релаксираат односите во регионот.
– Белград треба да испрати јасна порака до Босна и Херцеговина и до Косово, порака дека не постои империјална, Голема Србија, додал Месиќ со напомена дека на ист начин не може да постои ниту Голема Хрватска, ниту Голема Албанија.