Парада на гордоста и Парада на транс личностите се одржуваат денеска во Белград, со цел српската ЛГБТ – популација да го сврти вниманието на своите барања и својата позиција во општеството.
Двете групи се собираат на различни места во центарот на градот, за да го завршат собирот со заеднички марш до платото пред Собранието на градот Белград.

Центарот, како што пишуваат спрските медиуми, од утринава е преплавен со полицајци во опрема за разбивање демонстрации и оклопни возила, а полицијата, за разлика од неколку претходни ситуации, сега добила позитивна безбедносна проценка за одржувањето на собирите.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ апелирал на граѓаните да овозможат мирно одржување на двата собира и порачал дека насилството кон ЛГБТ луѓето и полицијата нема да се толерира.
„Граѓаните на Србија мораат да се откажат од насилството, тоа не е одговор, не можете да реагирате ако нешто не ви се допаѓа, со тоа што ќе го кршите градот“, изјавил Стефановиќ.
Тој нагласил дека на улиците на Белград ќе има и постапувачки обвинители, кои ќе реагираат веднаш кога ќе забележат насилство.
.jpg)
Поздравниот говор на Парадата ќе го одржи драмската писателка Биљана Србљановиќ. Горан Милетиќ од организацијата на собирот вели дека атмосферата пред одржувањето на Прајдот е подобра и поопуштена отколку во претходните години, а и нејзиниот вовед, Неделата на гордоста, поминал без какви било проблеми.

Во минатите години, ваквите собири во Србија често завршуваа со насилство и нереди предизвикани од екстремните десничарски здруженија, од кои повеќето сега се забранети.




