Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас синоќа положи заклетва како нов премиер, односно премеир со нов мандат, откако неговата партија победи на предвремените парламентарни избори во Грција.
Тој заклетвата ја положи во присуство на црквата, а пред претседателот на земјата Прокопис Павлопулос, бидејќи грчката црква не е одвоена од државата и по обичај премиерите пред неа даваат заклетва дека ќе ги почитуваат Уставот и законите, и ќе служат за интересите на народот.
Сириза изборите ги освои со 35,5 отсто од гласовите, освојувајќи 145 пратенички места во Парламентот. Бидејќи не може сам да состави влада, тој најави коалиција со Независни Грци, со која партија и досега коалицираше.
Заедно имаат 155 пратеници во Парламентот кој брои 300 пратеници.
Се очекува денеска да биде познат и составот на новата влада.
Првата цел на новата влада како што рече Ципрас веднаш по објавувањето на резултатите, е да воспостави стабилност во економијата.
– Гласачите ни дадоа јасен мандат и мораме да продолжиме заедно да се бориме за длабоки промени и реформи, и да ја извлечеме земјата од кризата, изјави Ципрас.




