Хрватска нема да ги отвори границите со Србија, се додека не биде отворен граничниот премин Хоргош, порача министерот за внатрешни работи на Хрватска, Ранко Остојиќ.
Хоргош се наоѓа во Војводина на самата граница со Унгарија.
Како што напомена Остојиќ, во неговата земја нема да влегуваат возила со српски регистарски таблици, но луѓето може слободно да минуваат.
– Треба да се напомене дека тоа е одговор на дискриминацијата која Србија ја спроведе за камионите од Хрватска. Додека не го отворат Хоргош, нема влез за српските возила во Хрватска, напомена Остојиќ.
Од полноќ, Србија на Хрватска и одговори со контрамерки, затворајќи ги границите за возилата регистрирани во Хрватска. Мерките важат и за железничкиот сообраќај.
Остојиќ вели не се работи за тивка војна меѓу двете земји, туку само одговор на мерките кои Србија ги вовела.
Незадоволните камионџии од Македонија пак, утрово го блокираа влезот во Хрватска, револтирани дека стоката која ја пренесуваат ќе се расипе.




