Рускиот претседател Владимир Путин, смета дека решението за сириската криза “лежи“ во зајакнување на актуелната, како што вели, легитимна влада на Сирија и во постигнување дијалог против тероризмот.
Во интервју за „Си-Би-Ес“ Путин одговорил потврдно на прашањето дали неговата земја се обидува да го спаси сириското раководство на чело со претседателот Башар ал Асад.
– По мое длабоко уверување, постапувањето во друга насока, насочено кон рушење на легитимната влада, ќе создаде ситуација која може да се види во другите земји од регионот, на пример, Либија, каде што се разрушени државните институции, а, за жал, слична е ситуацијата и во Ирак, изјавил Путин.
Според него, ексклузивното право за тоа кој ќе ја води државата му припаѓа само на сирискиот народ и вели нема друг начин за решение на сириската криза освен зајакнување на актуелните државни инстутиции.
Рускиот претседател следната недела ќе се сретне со американскиот претседател Барак Обама на маргините на Генералното собрание на ОН.



