Американската вселенска агенција (НАСА) денеска соопшти дека на Марс има вода и тоа не само во замрзната, туку и во течна состојба, што само ја поддржува можноста дека можен е живот на оваа планета.
– Марс не е сува и јалова планета, како што мислевме во минатото. Денеска објавуваме дека под одредени услови, вода во течна состојба може да се пронајде на Марс. Кога ќе ја погледнете Земјата, водата е основна компонента и секаде каде што има вода, без разлика дали е длабоко под земја или во сушните региони, има живот. Ова е многу возбудливо.
Се уште не сме во можност да одговориме на прашањето дали постои живот надвор од Земјата, но следењето на водата е одлучувачкиот предзнак за тоа, изјави на прес-конференција Џим Грин, директор за планетарна наука на НАСА.
До ова сознание дошле по обработка на податоци од неколку локации на Црвената планета, каде биле забележани траги од минерали. Станува збор за темни линии кои се појавуваат на стрмнините на ридовите за време на топлите периоди во годината кога температурите се над -23 степени целзиусови, а исчезнуваат кога е постудено.
Присуството на минерали во водата овозможува таа да биде во течна состојба и покрај тоа што температурата е под нулата, појава што се случува и на Земјата. Како што соопштија од НАСА, темните линии ги создава водата која тече по падините. Станува збор за солена вода која тече во потоци низ кањоните и кратерите на Марс во тек на летниот период.




