Министрите за надворешни работи од земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) се согласија да ги координираат активностите во борбата против насилниот екстремизам кој води кон тероризам.
На неформалниот состанок одржан во Њујорк на маргините на седницата на Генералното Собрание на ООН, министрите од ЈИЕ го прифатија предлогот на Регионалниот совет за соработка (РСС) да се формира Платформа за регионална соработка во борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам и појава на странски терористи.
Планот беше претставен од генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ, кој нагласил дека активностите треба да доведат „до потесна соработка и зајакнување на меѓу агенциската координација и соработка на национално и регионално ниво, со што ќе се овозможи поголема размена на информации и добри практики“. Со тоа, истовремено ќе се даде поголем придонес на регионот во светските напори, соопшти денеска РСС.
На состанокот со кој претседаваше бугарскиот министер за надворешни работи Данијел Митов беа претставени и приоритетите на бугарското претседавање со Процесот за соработка во ЈИЕ, а тоа се сообраќајот и енергетиката, промоција на медиумите и слободата на изразување, решавање на предизвиците од процесот на миграција и борбата против насилниот екстремизам. Република Македонија е еден од основачите и на Процесот за соработка и на Регионалниот совет за соработка




