Најновите податоци покажуваат дека Русите не се повеќе најголеми љубители на жестоки пијалоци, тоа место го презедоа Молдавците.
Според извештајот за состојбата на здравствената заштита во Европа за изминатата година, во Молдавија се трошат повеќе од 20 литри алкохол годишно по глава на жител.
Второ место зазема Луксембург, трето Естонија. Русија се најде некаде во средината на списокот, на 20-то место.
Русите годишно трошат околу десет литри жестоки пијалоци по глава на жител. Во тој дел на списокот се и Данците, Хрватите и Британците, се наведува на официјалниот сајт на Светската организација за здравствена заштита.
Најмалку пијат во Таџикистан и Турција. А на дното на списокот на љубители на силни пијалоци се нордијските земји – Норвешка, Шведска и Исланд.
Според овие податоци, третина од жителите на Русија престанале да употребуваат алкохол. Руските медиуми наведуваат дека тоа не е чудно, затоа што Русите од неодамна се навикнале на добар алкохол – кој помалку го пијат.
Жестоките квалитетни пијалоци им се допаѓаат не само на обичниот граѓанин, туку и на „моќниците“. Во последно време за „политички пијалок“ се смета вискито. На власт во
Русија дојде нова генерација: млади министри и пратеници кои како и бизнисмените, одат на базени, планинско скијање и тениски терени.
Како што е познато, претседателот Владимир Путин практично не пие, а инаку сака пиво. Премиерот Дмитриј Медведев е рамнодушен кон алкохолот. На државните приеми тој најчесо пие кисела вода, а понекогаш пие чаша бело вино.