Спојувањето на мобилните оператори Оне и Вип денеска официјално стартуваше со работа, со што one.vip станува еден од најголемите телекомуникациски оператори во Македонија кој ќе опслужува над 1.3 милион корисници.
„Заедно создадовме телекомуникациски гигант кој и понатаму ќе нуди најдобри услуги, со што ќе биде првиот избор на македонските корисници“, изјави Никола Љушев, извршен директор на компанијата.
Новата компанија се обврзува на збогатување на понудата со најновите светски технолошки достигнувања, понатамошно унапредување на квалитетот и развој на иновативни услуги базирани на најнапредни технологии во фиксниот и мобилниот домен.
Во периодот до целосна интеграција на сите оперативни и технички системи што се очекува да се комплетира до крајот на 2016-та година, one.vip ќе продолжи да функционира преку две засебни постојни мрежи, системи за наплата, тарифни портфолија и продажни места.
Ова значи дека корисниците и понатаму ќе ги задржат своите постојни договори и ќе продолжат да ги добиваат услугите, под истите услови, квалитет и цени, како и досега.
Компаниите со спојувањето ќе ги задржат и сите вработени.
„Започнува нова етапа во развојот на телекомуникацискиот сектор, што за нас е дополнителен предизвик. Следува период на целосна интеграција што ќе генерира нов, дополнителен квалитет за корисниците и понатамошен развој на пазарот. На крајот на тој процес, новата компанија ќе биде подготвена да ги нуди сите најсовремени комуникациски услуги на едно место, со најдобар квалитет и најдобро севкупно корисничко искуство. Ќе понудиме нови производи, услуги и нова содржина, задржувајќи го фокусот кон потребите на корисниците“, истакна Љушев.
Договорот за спојувањето на подружниците на Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словеније Груп во Македонија беше објавен на 22. октомври минатата година. Според тој договор, Телеком Австрија Групацијата поседува 55% и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија, додека Телеком Словеније Груп поседува 45% од сопственоста.