Според анкетите на гласачките места, се чини дека десната коалиција денес во Португал ги доби изборите но не е сигурна дека ќе може да освои апсолутно мнозинство какво што имаше досега.
Владината алијанса, на чело со премиерот Педро Пасос Куељо, која е на власт од 2011 година, ги добива изборите со 34 до 43 отсто гласови додека за Социјалистичката партија, која ја води поранешниот градоначалник на Лисабон Антонио Коста, гласале 29 до 35 отсто гласачи.
И покрај острата криза во Португалија и мерките за штедење кои ги наметна владината коалиција, Португалците се одлучија да го обноват мандатот на премиерот Куељо и не сакаат да се најдат во ситуација низ каква што минува Грција.
Владината коалиција е составена од Социјал-демократската партија ПСД, центар десно и малиот конзервативен партнер ЦДС, би можела да добие 100 до 118 седишта од вкупно 230 колку што има во Парламентот. За да има апсолутно мнозинство коалицијата треба да освои 116 места.
На минатите избори во 2011 година десницата освои 50.4 отсто гласови.
Со денешните резултати можно е мнозинството во Парламентот да биде од левицата.
Социјалистичката партија може да добие 77 до 90 пратеници.
Според анкетите, партијата Лев блок, блиска до грчката Сириза, би добила 15 до 23 пратеници а Комунистичката партија во коалиција со Партијата на зелените би имала 12 до 20 седишта.
Конечните резултати ќе бидат познати доцна вечерва.




