Источноевропските земји забораваат на своето минато, потенцирала на денешниот состанок на Европската народна партија, германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува Политико .
Меркел ги критикувала владите кои раководат во источноевропските земји поради нивното одбивање да ги прифатат бегалците.
Неименувајќи ги Унгарија, Чешка, Словачка и некои балтички земји, кои се против прифаќањето бегалци, Меркел рекла дека тие членки на Европската унија најдобро треба да знаат како е да се живее зад оградата бидејќи самите минале низ тоа искуство.
– Ние источните Европејци, а јас себеси се сметам за источна Европејка, видовме дека изолацијата не помага, рекла Меркел која самата израсна во поделена Германија.
Според неа, бегалците нема да сопрат само затоа што пред нив се ставаат препреки.
– Оние што имаа среќа да го доживеат крајот на Железната завеса сега мислат дека можат целосно да се исклучат од појавите што ја следат глобализацијата, укажала канцеларката.
Меркел на глас пред присутните колеги прашала: „Кои сме ние да ги браниме христијаните низ светот ако велиме дека не сакаме муслимани или џамии во нашата земја?“
Таа порачала дека се бара многу повеќе од Европа по ова глобално прашање, и дека е неопходна кохезија и компромис кои континентот знаел претходно да ги покаже.




