Босна и Херцеговина планира на почетокот од 2016 година да поднесе барање за полноправно членство во Европската унија, било соопштено на состанокот на членовите на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, Бакир Изетбеговиќ и Младен Иваниќ со високиот претставник на ЕУ во БиХ, Валентин Инцко и неговиот заменик Брус Бертон, пренесуваат босанските медиуми.
На состанокот доминирале теми поврзани со политичко-економската состојба во земјата, а се разговарало и за активностите во однос на исполнувањето на условите за интеграцијата на БиХ во ЕУ и НАТО.
Членовите на Претседателството го повториле ставот дека се усогласиле за донесувањето на одлуката во интерес на напредокот на БиХ и за исполнувањето на условите за барањето за членството на земјата во Унијата.
„Инцко и неговиот соработник Бертон повториле дека меѓународната заедница го поддржува напредокот на БиХ и јакнењето на функционалноста на државните институции, а сето тоа оди во интерес на интеграцијата на БиХ во ЕУ и НАТО“, било наведено во соопштението.




