Во Белорусија, според досегашните резултати, до пладне одѕивот на гласачите изнесувал 51,2 отсто, објави Централната изборна комисија. Според изборната регулатива претседателските избори се важечки ако одѕивот на гласачите е над 50 проценти.
Лукашенко ги предупреди лидерите на опозицијата да започнат да го почитуваат законот веднаш штом ќе се затворат избирачките места во 20 часот по локално време.
“Ние нема да дозволиме некој да ја дестабилизира ситуацијата”, порача Лукашенко.
Вчера стотици поддржувачи на опозицијата одржаа протестен митинг во главниот град Минск, и ги повикаа гласачите да ги бојкотираат изборите. Опозицијата обвини за притисоци врз граѓаните, студентите, државните службеници, пациентите во болниците, да гласаат рано, во утринските часови.
Околу 7 милиони Белоруси имаат право на глас на претседателските избори,а третина од нив гласаа до попладне. За 21 година самостојност Белорусија има само еден претседател, а тоа е Александар Лукашенко. Тој на претходните избори доби 79,65 посто од гласовите, резултати кои не ги признаа останатите кандидати, како и САД и ЕУ. Лукашенко пред неколку дена изјави дека овој пат сака да има 80 посто од гласовите.
Гласачите избираа меѓу четворица кандидати, а актуелниот претседател Александар Лукашенко се бори за петтиот мандат.
Покрај Лукашенко, кој 21 година е на власт, кандидати се и лидерот на Либерално-демократската партија Сергеј Гајдукевич, лидерот на Белоруската патриотска партија и врховен атаман на белоруските козаци Николај Уланович и активистката на кампањата „Зборувај ја вистината“ Татјана Короткевич.
Лукашенко, кој е фаворит според анкетите, за претседател на Белорусија беше избран во 1994, во 2001 во 2006 и во 2010 година.
Граѓаните имаат можност да гласаат и против сите кандидати. Избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот по локално време, а прелиминарните резултати можат да бидат познати во текот на ноќта меѓу недела и понеделник. Изборите ги следат 928 странски набљудувачи од кои 344 од Бирото на ОБСЕ за демократски институции и човекови права(ОДИХР), 387 од Заедницата на независни држави, 68 од Парламентарното собрание на ОБСЕ и седум од Шангајската организација за соработка. Изборите ги следат и 940 локални и странски новинари.




