Сиријски бунтовници со две ракети ја погодиле амбасадата на Русија во Дамаск во време кога пред зградата биле околу 300 приврзаници на владата на сиријскиот претседател Башар ал Асад. Тие сакале да и се заблагодарат на Русија за нејзината интервенција.
Првата ракета ја погодила зградата, а веднаш откако присутните се разбегале следувала и втората.
По нападот, сиријскиот огранок на Ал Каеда, Ел Нусра фронтот, во аудио-запис на својот лидер порачал дека овој напад е поради тоа што Русија го поддржувала ал Асад.
Лидерот на Ел Нусра, Абу Мухамед ел Голани ги повика сиријските милитанти и бунтовници здружено да настапат против режимот на претседателот.
Тој воедно во аудио-пораката порачува дека доколку руските сили нападнат сиријски цивили, муслиманите од поранешниот Советски сојуз треба да возвратат со удар врз руските граѓани.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров нападот го карактеризираше како “терористички чин“, а според него целта на нападот била да се заплашат сите кои се борат против ИСИС.
Авијацијата на Русија со офанзивата во Сирија започна на 30 септември по барање на претседателот ал Асад кој е во партнерство со рускиот преседател Владимир Путин.




