Комисијата за воздухопловна безбедност на Холандија, денеска соопшти дека малезискиот авион „Боинг 777“, кој се урна на територијата на источна Украина во јули минатата година, бил погоден со ракета „Бук“ од руско производство.
Авионот кој леташе на редовна линија од Амстердам до Куала Лумпур пренесуваше 298 патници и членови на екипажот, од кои 196 беа Холанѓани. При падот на авионот загинаа сите.
Комисјата во извештајот вели нема овластување да определи виновник за соборувањето на авионот, затоа што така е предвидено со правилата за водење истраги за несреќи во меѓународниот воздушен сообраќај.
Холандската комисија дополнително заклучила дека ракети „Бук“ имаат и сепаратистите и припадниците на украинската армија.
Комисијата констатира дека воздушниот простор над Украина требало да биде затворен, затоа што во време на соборувањето на леталото на територијата на источна Украина се воделе жестоки борби меѓу сепаратистите и владините сили.
Во извештајот се вели дека авионот бил погоден од неговата лева страна, кај пилотската кабина, по што се прекршил на два дела.
Експретите кои работеле на изработката на извештајот сметаат дека патниците веднаш загубиле свест затоа што останале без воздух на висината на која летал авионот.
Властите во Киев се уште сметаат дека вината за соборувањето е во проруските сепаратисти и на Русија, која ги снабдува со оружје, додека официјална Москва тврди дека „Боингот“ е соборен од украинските сили кои погрешно процениле дека станува збор за руски транспортен авион.
Русија тврди и дека веќе десет години „Бук“ не е дел од арсеналот на руската армија.




