Најмалку тројца Израелци се убиени а 20 се повредени во пукања и напади со нож во централен Ерусалим.
Двајца се убиени а 16 повредени при нападот на двајца напаѓачи кои отвориле оган и избодиле со нож патници во автобус.
Во друга населба пак убиен е возач на автомобил кој исто така бил избоден.
Во изминатото деноноќие зачестени се напади со нож врз Израелци, соопшти тамошната полиција, пренесуваат медиумите од светот.
Премиерот на земјата, Бенјамин Нетанјаху планира итен состанок на Кабинетот за безбедност со цел да се дискутираат насилствата во земјата.
Палетинското движење Хамас од друга страна, под чија контрола е појасот Газа, ги поздрави “херојските акции во Ерусалим и ги поздрави хероите кои ги извршија“.
При нападот во автобусот, напаѓачите пукале кон патниците откако го запреле со автомобил. Еден од напаѓачите бил убиен од страна на обезбедувањето во автобусот, а другиот бил убиен од страна на израелската полиција.
Ситуацијата помеѓу Израел и Палестина ескалираше во средината на септември кога во Ерусалим беа застрелани двајца Израелци од страна на Палестинците кои ја обвинуваа израелската влада дека планира “религиска инвазија“.
Израел во неколку наврати ги отфрлаше таквите обвиненија. Оттогаш наваму насилните напади помеѓу двете заедници постојано се во пораст.




