Армијата на Словенија ќе и помогне на полицијата да се справи со илјадниците бегалци кои се очекуваат да пристигнат во земјата од Хрватска наредните неколку дена, изјави денеска словенечкиот премиер Миро Церар.
Бегалците се очекуваат во Словенија откако Унгарија синоќа на полноќ целосно ја затвори својата граница со Хрватска, а крајната цел за пристигнување на бегалците и натаму се Австрија и Германија.
Над 600.000 бегалци годинава според проценките, стигнале во Европа преку море од Турција во Грција. Сепак патувањето за речиси 3.000 од нив беше кобно.
Церар оваа одлука ја соопшти по средбата на националниот совет за безбедност.
Утрово околу 600 бегалци биле испратени со автобус од границата помеѓу Србија и Хрватска кон Словенија. Од УНХЦР велат секој од нив бил регистриран од страна на полицијата.
– За разлика од другите земји, Словенија имаше време да се подготви за овој бран. Работата не е како што треба, но функционира, изјави портпаролката на Агенцијата за правата на бегалците.




