Словенечкиот парламент денес ќе гласа за новата влада, и се очекува Аленка Братушек, која парламентот на 27-ми февруари ја именуваше за мандатарка, да ја добие потребната поддршка од повеќе од половина на пратениците и веднаш да ја положи свечената обврска.
До крајот на седмицата би требало да се изврши и примопредавањето на должностите со досегашната влада на поранешниот премиер Јанез Јанша.
Во новата влада на Аленка Братушек, којашто ја предводи партијата Позитивна Словенија (PS) и во чија коалиција влегуваат уште три партии, Граѓанската листа (GS), Социјалните демократи (SD) и Демократската партија на пензионерите (DESUS), ќе има 13 министри кои во понеделникот и вторникот беа претставени пред соодветните парламентарни комисии.
Се очекува Братушек во среда подетално да говори за програмата на идната влада. Таа минатата седмица, по потпишувањето на коалицискиот договор на четирите партии, нагласи дека со новата влада завршува повеќемесечната политичка криза што ја зафати Словенија.