Премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ директно ја обвини Русија за поддршка на протестите во Подгорица, потенцирајќи дека преку опозицијата се обидуваат да го запрат црногорското зачленување во НАТО.
– Нема никакво сомнение после двете соопштенија од Министерството за надворешни работи на Русија дека руската политика е на страната на организаторите (на протестот), изјави Ѓукановиќ во интервју за ТВ Федерација БиХ.
– Ова не е битка само на Црна Гора. Ова е обид да се запре европската и евроатлантската интеграција на Балканот, смета црногорскиот премиер.
Тој истакна дека просрпските партии кои организираат протести против црногорската Влада сакаат нејзино уривање, затоа што веруваат дека со влезот на Црна Гора во НАТО ќе изгубат секаква можност за поништување на независноста на Црна Гора.
Мило Ѓукановиќ вели тој и неговата Влада немаат ништо против демократски избори во земјата, а против избори била опозицијата која насилно сакала да ја урне власта.
– Ако министерскиот состанок на НАТО биде на 1 декември, ние на 2 декември сме подготвени за избори, изјави Ѓукановиќ, кој очекува дека неговата земја тогаш ќе добие и официјална покана за полноправна членка во Алијансата.




