За два дена ќе се знае судбината на тајванското досие на Тупурковски. Денеска заврши главниот претрес, пресудата за наводната злоупотреба на кредитите од оваа азиска држава ќе биде донесена в петок, јавува Алфа телевизија.
Процесот трае седум години, а на денешното рочиште не беа презентирани нови елементи кои би можеле да влијаат врз промена на состојбата.
„Сметам дека тоа е еден природен пат на зреење на нашиот правен систем. Некој мора да ја плати таа цена. Го прифаќам тоа и го разбирам филозофски, а како ќе заврши не знаеме. Пресудата ќе биде во петок а за овие седум години никој не докажа моја инволвираност во криминал“, ја пренесува Алфа изјавата на Васил Тупурковски.
Тој најпрво беше осуден на три години затвор за злоупотреба на околу 2,4 милиона евра од тајванските кредити што ги доделувала Агенцијата за обнова и развој на чие чело беше тој.