Домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста ќе бидат дел од понудата на 25. Саем на книгата, кој годинава ќе се одржи од 9 до 15 април во Метрополис арена.
Како и минатите години, на Саемот на книгата, ќе се претстават домашните и издавачи од Србија, Албанија, Италија, Шведска. Организаторите очекуваат да дојдат околу 40.000 посетители.
Читателите ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на домашни и странски издавачки куќи. Досега се најавени следните настани:
Во организација на издавачката куќа „Феникс“ ќе се додели наградата за книжевен опус „Златен прстен“ на Душица Илин од Белград, Борислав Павловски од Загреб и на Тодор Чаловски од Скопје, наградата „Гоцевата мисла“ на Златко Крамариќ, амбасадор на Република Хрватска и наградата „Ана Франк“ за најдобра книга за деца и млади на Виолета Димова од Македонија и на Дејан Алексиќ од Србија.
Издавачката куќа „Ѓурѓа“ за време на саемот ќе го промовира наградениот роман на конкурсот по повод јубилејот 25 години – „Мисија“ од Миле Костов.
„Култура“ ќе организира промоција на „Пишувајќи ги изгубените топки“ од Фросина Пармаковска, а промотор на книгата ќе биде Ермис Лафазановски, како и презентација на италијанските изданија на „АLMA Edizioni“ чиј промотор ќе биде Јулијана Синадиновска.
Проф. др. Зозе Мургоски ќе го промовира новиот eнциклопедиски македонско-англиски речник.
„Дијалог“ ќе ги промовира „Сестрата на Зигмунд Фројд“ и „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски и „Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски.
„Хајмарк“ ќе ја претстви новата книга на Јасна Петков Стојановиќ „39 приказни на последната вистинска принцеза“.
„Или-Или“ најавува промоција на „Тринаесеттиот месец“ од Александар Русјаков, „Бели заби“ од Зејди Смит, „Фото синтеза“ од Игор Ангелков.
ПНВ Публикации ќе ги промовира „Ќерката на надреалистот“ од Кристиина Ехин, во превод на Јулијана Величковска, „Мртво море меѓу нас“ од Жељко Миловиќ, во препев на Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска и „Балкански син“ од Ерол Туфан.
Издавачката куќа „Сакам книги“ подготвува наслови кои премиерно ќе може да се купат таму, а дел од нив се насловите: „Подарок за роденден“ , „Фатални желби,“ „Живот за живот“.
За разлика од претходните години, Саемот на книга ќе се одржува во само една хала.