Денес Полска гласа за нов Парламент. Фаворити на изборите се конзервативните католици кои се во опозиција и големи се шансите тие да ги победат либералите кои се на власт осум години.
Околу пладне излезноста на изборите изнесуваше 16,5 отсто а таа во Полска е традиционално ниска, најави Изборната комисија потсетувајќи дека во 2011 година излезноста изнесувала 10 отсто во истиот период од денот.
Главното прашање на денешните избори во економски силната Полска е дали по осум години партијата на Јарослав Качински – Право и правда – ќе добие доволна поддршка самата да формира Влада и кои ќе бидат другите партии кои ќе можат да влезат во Парламентот. Според анкетите може да ги има помеѓи две и седум.
Партијата Право и правда, која водеше кампања полна со популистички пораки и внесувајќи страв од бегалците, во анкетите води со 10 отсто предност пред партијата на либералите Граѓанска платформа. По осум години власт очигледно е, според познавачите, дека партијата е “уморна” а особено откако ја напушти нејзиниот харизматичен лидер Доналд Таск кој стана претседател на Советот на ЕУ.
Изборните места затвараат во 21 често. Првите резултати се очекуваат многу брзо по крајот на гласањето.




