Новиот поглавар на Римокатоличката црква ја прифати поканата од вселенскиот патријарх Вартоломеј да го посети Цариград.
Поглаварите на двете цркви во наредните две години ќе се сретнат најмалку уште два пати – во Ерусалим и Рим.
Претходно Екуменскиот цариградски патријарх, Вартоломеј Први, го повика римокатоличкиот Папа Франсиск Први, заедно да ја посетат Светата земја следната 2014 година.
Цариградскиот патријарх предложи на тој начин да се одбележи 50-годишнината од средбата во Светата земја на патријархот Атенагора и папата Павле Шести, зачетниците на дијалогот меѓу православните и католичките христијани.
Вартоломеј Први, инаку е првиот цариградски патријарх кој од црковниот раскол во 104 година учествуваше на литургијата на востоличувањето на некој папа. Новиот поглавар на Римокатоличката црква, вчера го прими на приватна аудиенција, а според агенцијата Asianews, двајцата црковни поглавари веќе одредиле низа области на кои заедно ќе дејствуваат, како на пример теолошкиот дијалог и заштитата на околината, а било разговарано и за посета на Фенер, историската област на Истанбул во која е столицата на православниот цариградски патријарх.
Папата Франсиск повикал на „единство на сите кои веруваат во Исус” и на „подобра соработка” меѓу христијаните. Патријархот Вартоломеј притоа го истакнал „искустовото на Добриот Самарјанин латиноамериканскиот папа” кој е особено чувствителен на „човековата сиромаштија и патењето”.
Папата Франсиск, исто така, во приватна аудиенција во средата го прими и митрополитот Хиларион, своевидниот „министер за надворешни работи” на Руската православна црква.