Побезбедна и попросперитетна Југоисточна Европа (ЈИЕ) беше во фокусот на состанокот на Постојаниот Совет на ОБСЕ во Виена, на кој се расправаше за унапредување на соработката меѓу ОБСЕ, процесот SEECP и Советот за регионална соработка (RCC), соопштија денеска официјални извори.
„Транспортот и енергетската инфраструктура, слободата на медиумите и слободата на изразувањето, миграцијата и претстојните предизвици од бегалскиот бран се главните приоритети на бугарското претседавање со SEECP. За Бугарија, интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е процес без алтернатива и ние ќе продолжиме да го поддржуваме“, изјави шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов, обраќајќи се на собирот.
Оперативното тело на SEECP, Советот за регионална соработка, меѓу другото е фокусирано на инклузивноста, одговорноста, ефикасноста и праведноста во доброто владеење, како најважен елемент за економскиот раст – изјави претседателот на Советот Горан Свилановиќ.
„Фокусирани сме на подобрување на ефикасен јавен сервис, изградба на институционални капацитети за борба против корупцијата во ЈИЕ и регионална соработка во областа на правото“, додаде Свилановиќ, истакнувајќи ја и важноста од соработката во областа на правосудството и внатрешните работи кога станува збор за борбата против организираниот криминал и прашањата поврзани со миграциите.
Процесот SEECP, процес на соработка на земјите од ЈИЕ постои веќе 20 години, а пред седум години формиран е и Советот за регионална соработка, како оперативно тело за спроведување на соработката во пракса. Република Македонија е членка и на SEECP и на RCC.




